На 20.04.2021 година Штип ќе го чествува големото поетско дело на поетот, револуционер и општественик Ацо Шопов. Роден е во Штип на 20 декември 1923 година, починал во Скопје на 20 април пред 39 години (1982).
Иако ги живееме деновите на социјална дистанца со многу ограничувања, Центарот за култура “Ацо Шопов”од Штип , во соработка со ОУК Дом на млади – Штип, годинава организира посебна манифестација „Во чест на поетот“ која точно на пладне, преку интернет, ќе биде пренесувана, а ќе се одржува во Домот на култура.
Стихови од Ацо Шопов читаат актерите од Народниот театар Штип: Ангелка Нашкова, Милорад Ангелов и Марија Минчева
Посебен момент во целата оваа прекрасна културна приказна е настапот на музички состав од познати музичари – Кире Денов, вокал и бас гитара, Горан Кавраков-саксофон, Филип Стефановски-клавијатура, Филип Крстевски-тапани и Александар Бошков-гитара кои исполнуваат неколку музички композиции создадени на стиховите од поетот Ацо Шопов, од проектот “Младите пеат за Шопов” – 2004 година, кој беше создаден преку соработка на овие две установи за култура.
